По совет од Фон дер Лајен, Македонија испраќа барање за средба со Софија
Барање за билатерална средба во Софија меѓу Македонија и Бугарија идната недела како прв чекор за деблокада на процесот. Ова денеска го соопштија шефицата на Европската комисија и премиерот Мицкоски по средбата во Скопје. Фон дер Лајен порача – веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата. Земјава останува на ставот за активна вклученост на Брисел во создавање одржливо решение.

По совет на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Македонија следната недела ќе побара официјална билатерална средба со Бугарија најави премиерот Христијан Мицкоски. Шефот на дипломатијата во вторник заминува во Софија, поради активности поврзани со Коридорот 8, ќе побара средба со неговата бугарска колешка.
„Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија да е во Софија. Да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка“, изјави премиерот Мицкоски.
Фон дер Лајен потврди дека е договорен обид за отворање нов чекор во процесот и најави дека ЕУ е во фаза на подготовка нов пакет поттикнувачки мерки за земјите кандидати, со цел да се забрзаат реформите поврзани со европската интеграција
„Се договоривме да направиме нов чекор и да се обидеме да го деблокираме процесот идната недела. Кога ќе ја деблокираме ситуацијата, можеме да бидеме многу брзи со Северна Македонија. Импресивно е она што е направено досега со реформите. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Премиерот посочи дека Македонија очекува Европската Унија да биде вклучена во процесот, но без да зазема страна. Секое решение, вели тој, треба да обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на европска интеграција, а аргументите од двете страни потребно е да бидат слушнати од официјален Брисел.
„Не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, нагласи премиерот Мицкоски.
Фон дер Лајен го поздрави досегашниот напредок на земјата во однос на реформската агенда и се осврна на резултатите од Планот за раст, оценувајќи дека земјата постигнала значителен напредок.
„Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Напредокот е навистина импресивен. Се приклучивте кон СЕПА, а разговараме и за намалување на надоместоците за роаминг“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, приклучувањето кон новиот центар „Везилка“ за вештачка интелигенција претставува пример за постепената интеграција на земјата во европските политики и пазари.
Фон дер Лајен оствари средба и со шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова. На средбата се разговарало за европската перспектива на земјата и регионот, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Марина Стојанова-Тонева
