Свет

Училишта во пламен, солзавец и уапсени на ученичките протести во Франција

02.10.2026 20:54

Училишта во пламен, солзавец и уапсени — ученичките протести во Франција поради лошите услови во образованието ескалираа во жестоки немири. Властите тврдат дека движењето го презеле насилни групи.

Училишта во пламен, солзавец и масовни апсења – ученичките протести во Франција што почнаа поради недостиг од наставници, преполни училници и лоши услови, прераснаа во сериозни немири. Над 400 училишта се затворени, а речиси 2.000 лица се уапсени. Учениците велат дека насилството не е дел од нивните барања.

„Можеа да запалат мал оган на улица, мислам дека ќе имаше ист ефект. Но, да се запали зграда – тоа е премногу“, вели учесник на протестите во Франција.

Од Париз, протестите се проширија низ целата земја. Наставниците велат дека незадоволството е оправдано и дека состојбата во образованието значително се влошила.

„Состојбата значително се влоши. Државата итно мора да се сретне со младите и да разбере дека нивните грижи се реални“, изјави Софи Борди, наставничка по литература.

Во меѓувреме, насилството стана и политичко прашање. Владата ја обвинува левичарската „Непокорна Франција“ дека ги поттикнува блокадите и придонесува за ескалацијата. Од партијата ги отфрлаат обвинувањата.

„Воопшто не. Има елементи кои го нарушуваат редот. Би сакал да знам кој стои зад тоа, бидејќи учениците имаат многу конкретни барања“, вели Антоан Леомон, пратеник од „Непокорна Франција“.

Министерот за образование тврди дека првичните ученички протести биле преземени од насилни групи и дека во немирите досега се повредени стотици полицајци и десетици вработени во училиштата, а бројот на погодени училишта надминува илјада.

„Средношколското движење е преземено од исклучително насилни групи“, нагласи Едуар Жефри, министер за национално образование на Франција.

Протестното движење почна во Франција, но веќе се појавија слични демонстрации и во Белгија. Во регионот Лиеж ученици блокираа училишта, а на места беа запалени скутери и фрлани предмети. И таму главните барања се исти – помали паралелки, доволно наставници и подобри услови за образование.

Бојана Крстевски