Култура

„Ткажалки“ од Александра Јуруковска ќе биде промовирана во КИЦ – Белград

05.10.2026 12:48

Стихозбирката „Ткажалки“ од Александра Јуруковска, добитничка на наградата „Даница Ручигај“ за 2025 година, вечерва ќе биде промовирана во Македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Настанот ќе се одржи како разговор со авторката, кој ќе го води новинарката Сребра Ѓорѓијевска.

Стихозбирката „Ткажалки“ од Александра Јуруковска денеска во 19 часот ќе биде промовирана во Македонскиот Културно-информативен центар во Белград.

Настанот е замислен како разговор со авторката, а ќе го води новинарката Сребра Ѓорѓијевска.

„Ткажалки“ е прва поетска книга на Јуруковска, која за ова дело ја доби наградата „Даница Ручигај“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2025 година.

Според критичарката и универзитетска професорка Лидија Капушевска-Дракулевска, со поетскиот првенец Јуруковска воспоставува мост меѓу личното и универзалното, а песните се и сведоштво за женскиот отпор и внатрешната борба против заборавот.

Во одлуката на жирито за наградата „Даница Ручигај“ се посочува дека триесетината песни во „Ткажалки“ се одликуваат со поетски јазик што ги поврзува зборовите карактеристични за современоста со елементи од јазичната традиција.

Александра Јуруковска е книжевна критичарка, новинарка и промоторка на културата. Авторка е на повеќе книги од областа на книжевната и медиумската критика, а на македонската културна и книжевна сцена е присутна 25 години.

Во рамки на програмата, на 6 октомври Јуруковска и Ѓорѓијевска ќе учествуваат и на панел-дискусија за видливоста на културата во македонскиот и српскиот контекст, која ќе ја модерира директорот на КИЦ – Белград, Васко Шутаров.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, како дел од меѓународната промоција на современото македонско литературно творештво, јазик и култура.