Структурниот дефицит на пензискиот систем е 5,2 насто од БДП, ако нема реформи, може да се искачи на 6,6 насто
Постепено зголемување на придонесите, како и доброволно продолжено работење по пензиската возраст – ова се дел од препораките на Фискалниот совет за обезбедување одржливост на пензискиот систем. Експертите предупредуваат – без реформа, дефицитот ќе продолжи да се зголемува, а бројот на осигуреници на еден пензионер ќе падне под 1,3...

Пензискиот систем е под сè поголем фискален притисок. Дефицитот достигна 5,2 насто од бруто домашниот производ. Дури 41 процент од потребните средства се покриваат од Буџетот.
Експертите предупредуваат – без сериозни реформи, притисокот ќе расте, а дефицитот за 10-ина години може да достигне 6,6 проценти.
„Во последните години забележуваме дека дефицитот се зголемува за 5,2 проценти кои во голема мера е движен заради два аспекти. Првиот аспект е начинот на индексација, односно враќање на формулата на индексација на плати и стапка на инфлација и вториот аспект е линеарното зголемување на пензиите“, изјави Благица Петрески – извршен директор на „Фајнанс тинк“.
Од Фискалниот совет предлагаат комбиниран сет-мерки, зголемување на придонесите за 20 насто, но и намалувањето на сивата економија, бидејќи 90 илјади работници не придонесуваат во Фондот за пензиско осигурување.
„Сите чинители, сите анализи упатуваат на тоа дека треба да се влегува постепено. Кога велиме постепено, дури може и со 0,3 посто годишно да се оди и со 0,2, меѓутоа мора да влеземе, подобро тоа да го правиме постепено сега. Мислам дека тоа не би претставувало голем проблем и политичка цена“, изјави Абдулменаф Беџети – претседател на Фискалниот совет.
И директорот на ПИОМ согласен дека е потребно зголемување на стапката на придонеси, но вели, тоа да се прави постепено. Посочува дека за само една година дефицитот се зголемил за над 160 милиони евра.
„Оваа стапка на придонес треба да расте, но постепено. Дали за два процентни поени, дали за три, треба да пресметаме. За овие осигуреници сега ние што сме вработени да си ја платиме нашата пензија“, изјави Никола Мемов – директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според Фискалниот совет, врз зголемувањето на дефицитот влијаеле повеќекратните зголемувања на пензиите надвор од законската формула. Дополнително, притисок создаваат и неповолните демографските трендови, состојбата на пазарот на труд и намалената стапка на придонеси.
Годишниот трошок за пензии достигнува приближно 2,4 милијарди евра. Од придонеси на вработените се собираат и до 1,4 милијарди, разликата од милијарда евра се дополнува од државниот буџет.
Андријана Ѓурческа
