Обвинителство

Обвинителството бара доживотен затвор за Бојковски

06.10.2026 19:49

Најстрога казна, доживотен затвор, побара Јавното обвинителство за 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, осомничен за четири убиства и два обиди за убиства. Одбраната оспорува едно од убиствата и бара судот да ги земе предвид признанието и каењето на Бојковски при одмерувањето на казната…

Јавното обвинителство побара доживотен затвор за 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, за убиства на четири возрасни, немоќни жени, но и два обиди за убиства. Во завршниот збор обвинителот Лапе посочи дека убиствата се направени заради задоволување на полови нагони врз мртви тела, односно некрофилија. Кај лицето укажа отсуствуваат чувства на емпатија, вина и страв. Истиот рече бил пресметлив кога ги извршувал делата, а се обидува и да манипулира.

„Нема можност за ресоцијализација, постои висок степен на опасност од повторување на кривичните дела, не гледам како би можел повторно да се вклопи во општеството. Самата казна би можеле да ги задоволи начелата на кривичното право, особено на штетата, последиците тие се ненадоместливи“, истакна јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Одбраната на семејствата на оштетените се приклучи кон прогонот и побараа оштета.

„Не се сомневаме дека судот правилно ќе ги цени доказите на Обвинителството и ќе донесе правилна одлука која ќе биде за добро на општеството и ќе влијае на неговата превенција“, нагласи Драгана Илиевска Тодоровиќ бранител на оштетени.

Бранителот на Бојковски го оспори едно од убиствата, како и мотивите за двата случаи за обиди за убиства. Обвинетиот призна три убиства, и изјави дека се кае, па неговата одбрана побара судот при изрекување на казната да ги земе овие олеснителни околности.

Елена Георгиевска