Регионално поврзување за поголема енергетска безбедност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Белград учествуваше на вториот состанок на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија. Србија следната недела почнува со градба на гасовод кон Македонија.

Зајакнување на енергетската безбедност и диверзификација на правците за снабдување со енергија и гориво на регионот, во фокус на разговорите на министрите за енергетика на Србија, Македонија, Бугарија и Грција во Белград.
„Дискутиравме што е постигнато, бидејќи првиот состав беше во мај, а веќе во септември девет систем оператори од девет држави, и ние и Република Србија, го потпишавме пристапувањето кон Вертикалниот коридор. Тоа значи дека се грижиме за снабдувањето на нашите граѓани, односно досега имавме само една конекција со Република Бугарија, а сега ќе имаме и алтернатива од Грција преку Македонија – ќе биде транспортиран гас до Централна и Јужна Европа. Исто така, разговаравме за предизвиците што претстојат во следниот период, односно за зимата. Ние сме подготвени, имаме добра хидрологија. Беше спомнат и коридорот Исток-Запад, што значи од Република Бугарија преку нас сè до Италија се планира поставување на 2.000 мегавати нови конекции. За тоа ќе имаме подетално технички состаноци во ноември“, изјави министерката Божиновска.
Србија најави дека следната недела почнува со градба на гасна интерконекција со Македонија, како и можност за градба на продуктовод од Ниш кон Скопје и Солун.
„Идната недела почнуваме со полагање на првите цевки за гасната интерконекција со Северна Македонија, на траса од 5 километри, од вкупно 145 километри на гасоводот, во околината на Врањска Бања. Нашата цел е гасната интерконекција да биде завршена во првиот квартал од 2028 година. Разговарано е и за можното снабдување со нафтените деривати долж рутата Солун-Скопје-Ниш за поврзување на Србија, преку Северна Македонија, со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун“, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министер за рударство и енергетика на Р. Србија.
Министерот за енергетика на Грција, Ставрос Папаставру, истакна дека земјата ја поддржува регионалната енергетска интерконекција и интеграцијата на Србија и Северна Македонија во Европа.
На самитот во Белград беа и претставници на МЕПСО, МЕМО и Номагас.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
