Здравство

Привремено се запира вакцинацијата со БСЖ поради квалитетот на сериите од бугарскиот производител

06.10.2026 18:05

Новороденчињата во земјава нема да примаат БСЖ вакцина против туберкулоза. Имунизацијата привремено се одлага заради проверка на квалитетот на сериите од бугарскиот производител откако во Хрватска беа пријавени сомнителни случаи на инфекција и воспаленија на коски кај деца. Педијатрите смируваат, простор за паника нема, потребна е само претпазливост.

Имунизацијата на новороденчињата со БСЖ – вакцината која штити од туберкулоза времено се одложува во земјава – ваква одлука донесе комисијата за имунизација во земјава, откако вакцината ја стопираше и Хрватска поради пријавени можни несакани реакции – четири случаи со коскена инфекција по примена БСЖ – вакцина.

Бугарската фирма „Бул Био“ е единствен производител на БСЖ – вакцината и повеќе од две децении се употребува во земјава. Имунизацијата се стопира превентивно – во Македонија нема пријавено случаи со вакво заболување. Агенцијата за лекови МАЛМЕД треба да ги провери сериите и квалитетот на вакцината. Се очекува имунизацијата да продолжи следната недела.

„Дали сериите кои се користат во хрватска соодветствуваат и со сериите кои ги имаме во нашата земја МАЛМЕД ќе истражи заедно со институтот за јавно здравје дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции, во моментов такви информации немаме“, вели проф. Д-р Александра Гроздановска – претседател на Комисијата за имунизација.

Освен една пријава за локална реакција од БСЖ – вакцината, други несакани ефекти во изминатите 10 години не се пријавени.

Педијатрите смируваат, простор за паника нема, но потребна е претпазливост.

„Остеомиелит е сериозно тешко заболување и може да биде од најразлични предизвикувачи. Како тешка инфекција сигурно тоа дете ќе има сериозни симптоми на нарушување на општата состојба, температура, губење на апетит, замор“, истакна проф. Д-р Катерина Ставриќ – Клиника за детски болести.

БСЖ вакцината се прима во родилиште или во текот на првата година од раѓањето.

Имунизацијата со БСЖ – вакцината е задолжителна, имајќи предвид дека Македонија спаѓа во земјите со висок ризик од туберкулоза. Во моментов има 100-тина заболени, меѓу нив и деца.

Андријана Ѓурческа