Виш обвинител под истрага
Ургирал за пониски казни или за подобра позиција на осомничени и обвинети – виш јавен обвинител од Битола ја користел својата положба да влијае врз одлуките на негови колеги и на судии во најмалку четири предмети.

Претреси во домот и канцеларијата на виш јавен обвинител од Битола. Тој е осомничен за сторено кривично дело, примање награда за противзаконито влијание.
Поконкретно, осомничен е дека ургирал кај колеги, јавни обвинители и судии, за одредување на пониски казни или поповолни позиции за осомничени, во најмалку четири случаи.
„Во изминатиот период, преку повеќе дејствија и примена на посебни истражни мерки, обезбедени се докази коишто упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал, за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги, јавни обвинители и судии, во најмалку четири поединечни предмети, на подрачјето на коешто ја вршел својата функција. Притоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Од таму информираат дека надлежниот јавен обвинител продолжува да го испитува случајот, а до судија на претходна постапка доставен е предлог за определување на мерки за претпазливост, одземање на патна исправа и забрана за преземање определени работни активности, односно оддалечување од работното место.
Марија Котовска
