Масовен руски напад

07.10.2026 13:40

Само неколку часа откако Зеленски предупреди за можни удари врз Украина, Русија изврши масовен комбиниран напад со жртви и повредени...

Само неколку часа откако Зеленски предупреди за можни удари врз Украина, Русија изврши масовен комбиниран напад со жртви и повредени. Над 10 луѓе загинаа во Прилуки каде била погодена станбена зграда. Мртви и во Киев.

„Знаевме дека нашиот сосед работи овде. Сопругот рече дека треба да му се јавиме, но тој не крена на телефонот. Ги оставив и истрчав овде за да видам што е со него. И еве што затекнав“, изјави Татјана, жителка на Киев.

„Експлозијата беше толку силна што веднаш оглувев. Не сфаќав што се случува, почнав да се задушувам од чадот во зградата. Се извлеков од под урнатините, сè наоколу гореше. Видов дека чуварите горат. Истрчав кон нив, но веќе беше предоцна“, изјави Володимир, жител на Киев.

Москва ги потврди нападите, вели целта биле воени објекти. Зеленски изјави дека руската војска му го приредила на Путин најгнасниот напад врз Украина како подарок за неговиот 74-ти роденден. Тој ги обвини руските сили и за нападот врз два брода во Црно Море на бугарска страна.

„Украинските сили немаа операции во ова подрачје. Според информациите координирани со Бугарија, станува збор за комбиниран руски напад со поморски и воздушни дронови. Ова е уште еден обид на Русија да го направи западниот дел од Црно море целосно небезбеден за пловидба. Потребен е јасен одговор на оваа руска агресија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Брисел изрази загриженост за инцидентот, додека Трамп најави телефонски разговор со Путин. Инцидентот предизвика реакции во Бугарија и прашања за способноста на земјата да одговори на слични закани.

„Предизвиците за нашата национална безбедност се натрупуваат секој ден и крајно време е да побараме поширок консензус“, изјави Христо Гаџев, ГЕРБ-СДС.

„Зошто се минимизира можноста ова да го направила Украина? Повторно потсетувам дека во август бевме нападнати со украински дрон“, изјави Цончо Ганев од Преродба.

Во Софија состанок на Консултативниот совет за национална безбедност свикана од претседателката Јотова. Премиерот Радев порача дека Бугарија мора да ги зајакне капацитетите за справување со беспилотни системи во воздух и на море, но и предупреди дека тоа не може да се направи преку ноќ.

„По овој случај претседателката Јотова свикува Консултативен совет за национална безбедност. Тој не треба да стане сцена за предизборна демагогија. Нема простор за хистерија. Потребни се ладна глава и трезвена проценка. Прашањето за стекнување на соодветни капацитети од страна на Бугарија за борба против беспилотни системи во воздух и море е комплексно и не може да се реши преку ноќ. Потребно е време, доследност, систематика и значителни финансии“, изјави Румен Радев, премиер на Бугарија.

Радев ја нагласи и потребата од паралелни дипломатски напори за завршување на војната, нагласувајќи дека безбедноста не може да се мери само според износот на средствата за вооружување.

 

Бојана Крстевски