Наука

Научниците создадоа целосно нов вид часовник

08.10.2026 10:43

Научниците ги развија првите функционални нуклеарни часовници, кои го мерат времето преку следење на интеракциите меѓу светлината и атомското јадро и би можеле да ја надминат прецизноста на атомските часовници. Се очекува ова револуционерно откритие да придонесе за подобро разбирање на темната материја и за одговор на некои од основните прашања за универзумот.

Повеќе од 70 години се користат атомски часовници кои го мерат времето преку следење на премините на електроните меѓу различни енергетски состојби.

Овие часовници овозможија значаен напредок во науката и технологијата, вклучително и развојот на системот за глобално позиционирање (ГПС), како и спроведувањето експерименти што докажаа дека времето тече различно во различни делови од вселената.

Новите нуклеарни часовници, пак, функционираат преку следење на интеракцијата меѓу светлината и атомското јадро.

Бидејќи атомските јадра се приближно 100 илјади пати помали од атомите, тие се значително помалку подложни на влијанието на надворешните електрични полиња.

Оваа карактеристика ги прави нуклеарните часовници потенцијално посигурни, бидејќи го намалува влијанието на надворешните фактори што можат негативно да влијаат врз работата и прецизноста на атомските часовници.

Новите часовници би можеле да се користат и за откривање на темната материја - мистериозна и невидлива материја што сочинува голем дел од материјата во универзумот.

Истражувачите посочуваат дека оваа технологија би можела да одигра значајна улога во одговарањето на основните прашања поврзани со физичките закони што го управуваат универзумот.

Основата на истражувањето потекнува од научен предлог објавен во 2003 година, во кој беше посочено дека атомските јадра би можеле да претставуваат исклучително прецизен начин за мерење на времето.

Во предлогот беше предложена употреба на изотопот ториум-229, бидејќи има нуклеарна енергетска состојба со релативно ниска енергија, што овозможува полесно следење на премините меѓу енергетските состојби на јадрото.

Иако новите нуклеарни часовници веќе успешно го мерат времето, тие се’ уште не го достигнале нивото на стабилност на најдобрите атомски часовници.

Сепак, истражувачите веруваат дека овие ограничувања би можеле да се надминат со понатамошен технолошки развој, вклучително и со употреба на значително помоќни ласери.

Научниците очекуваат дека дополнителното усовршување на нуклеарните часовници ќе овозможи уште попрецизно мерење на времето и ќе отвори нови можности за истражување на фундаменталните закони на физиката.

Резултатите од истражувањето се објавени во два одделни научни труда во престижното научно списание „Нејчр“.