Фудбал

Шпански медиуми: Баерн Минхен заинтересиран за Дани Олмо

09.10.2026 09:42

Шпанскиот фудбалер Дани Олмо би можел да ја напушти Барселона и да ја продолжи кариерата во Баерн Минхен, пренесуваат шпанските медиуми.

Каталонскиот спортски весник „Спорт“, кој е близок до Барселона, објави дека германскиот гигант Баерн Минхен покажува сериозен интерес за ангажирање на Дани Олмо. Според информациите, фудбалерот би можел да го промени клубот доколку пристигне соодветна понуда.

Баварците го следат Олмо уште од периодот кога настапуваше за РБ Лајпциг, но тогаш шпанскиот репрезентативец одлучи да се врати во својата татковина и да потпише за Барселона.

Во услови на сè погласни шпекулации за можно заминување на Џамал Мусијала од Баерн Минхен, тренерот Венсан Компани бара соодветна замена на позицијата офанзивен играч за врска, а токму Олмо се споменува како еден од главните кандидати.

Според „Спорт“, Барселона би била подготвена да го продаде шпанскиот фудбалер за сума од 90 милиони евра.

Сепак, Баерн Минхен не е единствениот клуб заинтересиран за неговите услуги. Интерес за поранешниот фудбалер на Динамо Загреб покажуваат и неколку англиски гиганти, меѓу кои Челси, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Арсенал.

И покрај интересот од европските клубови, истиот извор наведува дека приоритет на Дани Олмо е да остане во Барселона и да ја продолжи кариерата во каталонскиот клуб.

Олмо досега има одиграно 96 официјални натпревари во дресот на Барселона, на кои постигнал 20 голови и забележал 20 асистенции.