Нави Пилај ја доби Нобеловата награда за мир за 2026 година
Во образложението на одлуката, Комитетот посочува дека во време на зголемување на бројот на војни и конфликти, како и политички притисоци врз судиите и институциите на меѓународното право, почитувањето на правниот поредок е клучен предуслов за мир.

Поранешната висока комесарка на ОН за човекови права и судија во Меѓународниот суд за правдата, Нави Пилај, е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2026 година. Наградата ѝ е доделена за нејзините напори за промовирање на мирот и меѓународното право, соопшти Нобеловиот комитет во Осло.
Претседателот на норвешкиот Нобелов комитет, Јерген Ватне Фриднес, изјави дека со ова признание се нагласува значењето на меѓународното право во решавањето на конфликтите и заштитата на човековите права.
Во образложението на одлуката, Комитетот посочува дека во време на зголемување на бројот на војни и конфликти, како и политички притисоци врз судиите и институциите на меѓународното право, почитувањето на правниот поредок е клучен предуслов за мир.
Според Комитетот, меѓународниот правен систем треба да обезбеди одговорност за воените злосторства и правда за жртвите на злоупотреби.
Нави Пилај е родена на 23 септември 1941 година во Дурбан, Јужна Африка, во семејство со индиско, тамилско потекло. Дипломирала право на Универзитетот во Натал, а докторирала на Правниот факултет на Харвард. Во текот на кариерата извршувала високи функции во меѓународниот правосуден систем и во Обединетите нации.
За овогодишната Нобелова награда за мир биле номинирани 287 кандидати, меѓу кои и организации.
Наградниот фонд изнесува 12 милиони шведски круни, односно околу 1,2 милиони долари.
