Камионите на терен, се собира сметот
По шест дена на паркинг, камиони на кумановското комунално претпријатие повторно на терен. Се собира и депонира сметот на Краста. Жителите и надлежните постигнаа договор. Предводени се неколку мерки, меѓу кои санација и редовно одржување на депонијата.

Продолжува санацијата на кумановската депонија. Повторно на терен камионите на комуналното претпријатие. Сметот од Куманово се собира и депонира. Се чисти градското подрачје, а се интервенира и во населбите и селата, каде што изминатиов период имаше поголеми насобрани количини. Надлежните и жителите на Пчиња, Студена Бара и околни места по шест дена постигнаа договор. Запре чадењето, а со него и протестот. Се нанесоа околу 10.000 метри кубни земја.
„Депонијата доби сосема ново руво, изглед, облик кој сите го посакуваат. Активно се работи со многу машини. Знам дека состојбата не е добра со насобраниот смет. Но во деновите што претстојат активно ќе работиме“, истакна директорот на Комуналното претпријатие, Сашо Томиќ.
Услов за договор на мештаните е депонијата редовно да се санира, за да се спречи загадувањето на животната средина. Од „Чистота и зеленило“ најавуваат зајакнати мерки за влез и излез од депонијата, видеонадзор, рампи и санација на оградата.
„Секоја вечер ќе имаме одреден број на возила камиони со резерва на земја, цистерна со вода, се е договорено во соработка со месно население. Ќе формираме со Еко Пчиња мешовити патроли“, истакна Томиќ.
Ветуваат комуналниот отпад секојдневно ќе се третира. Но станува збор за нестандардна депонија. Проблемот трајно ќе се надмине, со регионалната депонија во Свети Николе. Сметот од Куманово изминатите два дена се носеше на скопската депонија Дрисла. Претходно во пресрет излегоа Кратово и Ранковце.
Елена Георгиевска
