Култура

Домот на Ранко Струмениковски пет години живее како галерија и музеј

13.10.2026 20:28

Семејната куќа на ликовниот уметник и графичар, Ранко Струмениковски веќе пет години функционира како галерија, музеј и графичко ателје. Неговиот дом прерасна во простор каде се среќаваат различни генерации и уметнички изрази, место каде уметноста продолжува да живее.

Од семејна куќа до музеј. Поранешниот дом на ликовниот уметник Ранко Струмениковски веќе пет години функционира како галерија, музеј и графичко ателје. Струмениковски бил истакнат македонски ликовен уметник и прв графичар во Битола. Со својата работа значајно придонел за визуелниот и културниот идентитет на градот, оставајќи зад себе бројни креации – логоа за компании и производи, институции и книжевни дела. Дел од нив се изложени во музејот.

Во минатото во Битола се создавале ликовни движења кои денес се дел од историјата на македонската ликовна уметност.

Денес, за жал, градот кој изобилува со ликовна мисла, уметнички дела и традиција, веќе неколку децении нема галерија. Една од желбите што ги оставил Струмениковски била создавање простор во кој уметниците од Битола, околината и од странство ќе имаат можност да се претстават пред публиката. Негова заложба била и афирмацијата на ликовната уметност во сите сфери, вклучително и развивањето на визуелната култура кај децата, што е особено важно за иднината на уметноста.

Во галеријата „Ранко Струмениковски“ годишно се организираат повеќе од 15 изложби. Покрај изложбената дејност, овој простор е место и за промоции на книги, литературни читања и музички настапи, наменети особено за младите творци и уметници. Тие добиваат бесплатна поддршка за своите изложби и промоции, вклучително и изработка на покани и каталози.

Со својата активност, значајните изложби и заложбата за афирмација на уметноста, оваа галерија претставува редок културен простор не само во Битола, туку и пошироко.

Александра Максимовска