Инфраструктурата клучен проблем на слепите лица
Непристапна инфраструктура, недоволна свест и навредливи коментари, се дел од секојдневните предизвици на слепите лица и лицата со оштетен вид. И покрај се, тие се борат за своето место. Христијан и Беркан од Куманово ја побиваат тезата дека слепите лица не се способни да работат и успешно да придонесуваат во општеството …

„Мислам дека го поминав косо пешачкиот премин, човекот ми вика: „Што бе, ти нели гледаш добро штом поминуваш така косо?“ Викам: „Не гледам“. Не знам што да одговорам, и ми рече: „Извини, брат“, се дел од коментарите што ги добиваат Беркан, но и над 130-те слепи и лица со оштетен вид во Куманово. Предрасудите некогаш се поголема пречка од самото оштетување. Но за Беркан белиот стап не е симбол за сожалување. Туку знак за независност, кој им помага безбедно да се движат. Наместо навредливи коментари, вели потребни се разбирање и еднакви можности.
„Луѓето го користат како некој знак за жалење. Не, напротив, прашајте го што знае да работи и „искористете го“. Многу лица кои имаат оштетен вид, знаат многу повеќе работи да работат отколку што мислат другите луѓе околу нив“, вели Беркан Асановски, лице со оштетен вид, секретар во Здружението на слепи лица во Куманово.
Таков успешен пример е Христијан. Лице со 99 отсто оштетен вид. Но тоа не го спречило да дипломира. Веќе три години работи како правник во Општина Куманово.
„Моето секојдневие е најнормално, станува од сабајле, одам на работа, си ги извршувам своите работни задачи, се враќам од работа“, вели Христијан Ѓорѓевиќ, лице со оштетен вид.
Но покрај предрасудите, сериозен проблем останува инфраструктурата. Во Куманово недостигаат звучни семафори, тактилни патеки и спуштени рабници. Дополнителна опасност се и непрописно паркираните автомобили.
„Секогаш се движам со придружник или, кога се движам сам, најчесто одам на местата што ги знам“, дополни Христијан.
Христијан и Беркан порачуваат, самостојното движење не треба да биде ризик, а вработувањето и активното учество исклучок. Пречка велат не е само оштетениот вид, туку и во тоа што општеството одбива да направи промени.
Елена Георгиевска
