Секој месец одлив на медицински сестри
Македонското здравство со дефицит од медицински сестри. Државата образува кадар ама заминува надвор од земјава или во приватните болници. Унијата бара итна средба со ресорниот министер, континуирани конкурси и законски измени...

„Она што во моментов сега ни е важно се континуираните конкурси, но не само да ги објавуваме како конкурси, туку потребна ни е реализација со буџетско обезбедување на вработувањата. Динамика на вработувањата и точни бројки. Да знаеме колку медицински сестри се потребни, колку ќе се испланираат да се вработат и со каква динамика ќе се вработуваат“, изјави Гордана Бешлиоска – претседател на Унијата на здруженија на медицински сестри.
Училиштата продуцираат доволно кадар, но потребно е да ги задржиме медицинските сестри да работат во државното здравство.
„Нема недостаток на ученици, туку ни се случуваат други нешта. Ние образуваме кадар за во странство, а тоа не треба да биде така. Се трудиме како влада и јас како министер за образование, а сигурна сум и дека министерот за здравство го прави тоа да овозможиме услови, со реновирање, со отворање на нови методи и се што е потребно во здравството да ги задржиме нив тука“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.
Во земјава има околу 9.200 медицински сестри. За нормално функционирање на здравствените установи потребно е двојно повеќе.
За да се надмине проблемот со одливот на медицински сестри, од здружението велат неопходно е да се донесе законот за сестринска дејност кој ќе ја регулира оваа професија во однос на образованието, работните задачи и одговорностите.
Андријана Ѓурческа
