Славески: Нов модел на економски раст е клучен за побрзо приближување кон ЕУ
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествуваше на настан посветен на економските перспективи на Европа, организиран во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Поголема продуктивност, поквалитетни инвестиции, дигитализација и развој на човечкиот капитал се неопходни за забрзување на економскиот раст и приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка во Бангкок. Тој се осврна и на предизвиците за монетарната политика во услови на глобална неизвесност и инфлациски притисоци.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, учествуваше на настан посветен на економските перспективи на Европа, организиран во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Во своето обраќање, Славески истакна дека земјите од Западен Балкан треба да го променат досегашниот модел на економски раст, кој главно се потпира на евтина работна сила и акумулација на капитал, и да се насочат кон поголема продуктивност, примена на нови технологии, знаења и производство на производи со повисока додадена вредност.
Според него, за побрзо приближување кон Европската Унија е неопходен сеопфатен реформски пристап, кој ќе опфати посилни институции, владеење на правото, подобро деловно опкружување, реформи на пазарот на трудот, како и поттикнување на иновациите, истражувањето и дигитализацијата.
Славески посочи дека продуктивноста во Западен Балкан е околу половина од нивото во Европската Унија, а нејзиниот раст и натаму е релативно слаб. Потенцијал за подобрување, според него, постои преку примената на новите технологии и посилното поврзување на компаниите со образовните и истражувачките институции.
Како важен фактор за економскиот раст ги посочи и квалитетот и структурата на инвестициите. Иако регионот привлекува значителни странски директни инвестиции, потребно е тие повеќе да се насочуваат кон попродуктивни активности, со поголемо вклучување на домашните компании во глобалните синџири на вредност и зголемување на додадената вредност на извозот.
Осврнувајќи се на човечкиот капитал, гувернерот предупреди дека иселувањето, демографските притисоци и недостигот од соодветни вештини го ограничуваат потенцијалот за раст. Како неискористен потенцијал ги посочи и ниската активност на жените на пазарот на трудот, невработеноста кај младите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на вештини.
Тој нагласи дека подлабоката интеграција со европскиот пазар и постепеното вклучување во единствениот пазар на ЕУ можат да им овозможат на компаниите да го прошират работењето, да привлечат инвестиции и да се вклучат во посложени синџири на вредност.
Славески се осврна и на предизвиците за монетарната политика во услови на енергетски шокови и инфлациски притисоци. Посочи дека Народната банка применила комбинација од монетарни, макропрудентни мерки и мерки во доменот на задолжителната резерва, кои, според него, придонеле за стабилизирање на девизниот пазар и намалување на инфлацијата.
Според податоците наведени во неговото обраќање, инфлацијата во моментот изнесува 2,6 проценти. Сепак, глобалната неизвесност и можните дополнителни ценовни притисоци, истакна Славески, бараат претпазливост и носење одлуки врз основа на податоци и анализи.
