Јабланица со години чека заштита
Додека загадувањето на воздухот останува еден од најголемите еколошки предизвици, под закана е и природното богатство што треба да го заштитиме. Јабланица речиси две децении чека да биде прогласена за национален парк. Од другата страна на границата, планината одамна е под заштита, додека кај нас сè уште се чека одлука.

Долгогодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк сè уште чека институционална разврска. По изработката на првата студија за валоризација во 2009 година и долгогодишното одолжување на постапката во институционалните процедури, изработена е нова студија во која се оценети природните вредности и актуелната состојба на планината.
Од Македонското еколошко друштво велат дека Јабланица има големо значење за зачувувањето на биолошката разновидност поради присуството на ретки ендемични видови.
„Во моментот е направена нова студија за валоризација со новата состојба и природните вредности. Експертскиот тим, односно стручната фела, ја вреднува Јабланица како едно вредно место за заштита на биолошката разновидност, поради присуството на ретки ендемични видови и рефугијални живеалишта кои се среќаваат овде и претставуваат дом за голем број видови што токму на овој простор го нашле своето прибежиште“, вели Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.
Еколозите сметаат дека заштитата е особено важна поради проблемите со кои се соочува планината. Со прогласувањето за национален парк би се овозможила подобра контрола и намалување на нелегалните активности, како што се дрвокрадството, дивоградбите и криволовот.
„Националниот парк, генерално заштитеното подрачје, нуди таква можност, бидејќи тогаш просторот се уредува според неговите вредности. Сите активности што се случуваат во него треба да бидат вклопени, но и да се почитуваат законските основи поврзани со користењето на шумите, ловот, градбата и така натаму“, додава Китанова.
Албанскиот дел од планината Јабланица е прогласен за национален парк уште во 2008 година, додека во нашата земја иницијативата постои од 2007 година. Следниот чекор е надлежните институции да ги разгледаат стручните податоци и да дадат мислење за границите на заштитеното подрачје, зонирањето и мерките за управување.
Соња Рилковска
