Украина во мрак

17.10.2026 17:27

Нов бран руски напади ја остави Украина без струја, додека во Киев граѓаните протестираат поради неподготвеноста за зимата...

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на засилен меѓународен притисок врз Русија, оценувајќи дека ублажувањето на санкциите и финансиските отстапки кон Москва само ја охрабруваат да продолжи со војната.

Руските сили нападнале повеќе од 15 важни објекти за производство и пренос на електрична енергија во различни делови на Украина, користејќи повеќе од 320 беспилотни летала.

Украина се соочува со мрак и студ поради руските напади, а незадоволството на граѓаните расте. Стотици Украинци излегоа на протест, барајќи оставка од градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, поради незадоволството од подготовките на градот за зимата, честите прекини во снабдувањето со електрична енергија и недостигот на засолништа.

„Најчесто немаме струја. Ова беше голем проблем и минатата зима, па навистина не ми е јасно зошто нашиот градоначалник не презема ништо“, изјави жител на Киев.

„Киев е под напади речиси секој ден. А работите што требаше да се направат уште пред неколку години, со цел да се заштитат граѓаните, сè уште не се направени. Слушаме само изговори, а сметам дека тоа не е фер кон луѓето што живеат овде“, рече друг жител на Киев.

На повеќе места долж фронтот се продлабочува хуманитарната криза. Жителите на градот Олешки со месеци се соочуваат со недостиг од храна, а поради борбените дејства не можат да се евакуираат. Украинската армија им доставува храна со беспилотни летала.

Во меѓувреме, аеродромите во Москва се затворени, а откажани се повеќе од 370 летови поради напади со украински беспилотни летала.

Додека се засилува размената на оган меѓу двете страни, рускиот претседател Владимир Путин ги посети руските воени команди за да се информира за текот на воените операции.

Од Киев пристигнуваат остри критики за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги ублажи санкциите против Русија, како и за претходната одлука да дозволи увоз на руско дизел-гориво.

Зеленски оцени дека поддршката од европските лидери е добредојдена, но дека сама по себе нема да биде доволна за да се стави крај на војната.

Ирина Гелевска