Сиромаштија расте
Речиси секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, додека 21,9 проценти од населението се соочува со тешки животни услови...

За некого сиромаштијата е статистика, а за друг - празен фрижидер и неизвесност до крајот на месецот. Храна, сметки, лекови... За многу семејства секојдневието се претвора во пресметка што може да се плати, а што може да почека.
Во земјава речиси секое трето дете расте под прагот на сиромаштија. Според најновите глобални проценки, 826 милиони луѓе годинава живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од три долари на ден. Во Македонија, официјалните статистички податоци покажуваат дека кризата најсилно ги погодува семејствата. Стапката на сиромаштија кај децата до 17 години достигнува загрижувачки 29,5 проценти.
Податоците на меѓународната новинска агенција ИПС покажуваат дека дури 2,8 милијарди луѓе во светот живеат во несоодветни услови за домување. Дополнително, 3,8 милијарди граѓани ширум планетата немаат пристап до никаква социјална заштита, што ги прави ранливи на секој економски потрес.
Во домашниот контекст, официјалните показатели на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната стапка на сиромаштија во Македонија изнесува 21,9 проценти.
Македонската платформа за борба против сиромаштијата упати отворено писмо до Владата. Бараат долгорочни политики и конкретни мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.
Ана Јосифовска
