Локални избори

ДИК: Радически од ВМРО-ДПМНЕ со најмногу гласови во Брвеница, Јахиј од НАИ втор по првиот круг

18.10.2026 22:05

Кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, освои најмногу гласови во првиот круг од предвремените локални избори во Општина Брвеница, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИК), по обработени 100 проценти од избирачките места. На второто место е кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Аркин Јахиј.

Според податоците објавени од ДИК заклучно со 21:27 часот, Радически, кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освоил 2.943 гласови, односно 38,90 проценти, додека Јахиј добил поддршка од 2.152 избирачи или 28,45 проценти.

На третото место е кандидатот на коалицијата ВЛЕН, Јакуп Хусеини, со 1.528 гласови (20,20 проценти), а четврти е Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, со 706 гласови (9,33 проценти).

Независниот кандидат Душан Богдановски освоил 55 гласови (0,73 проценти), додека независната кандидатка Арифе Идризи добила 21 глас (0,28 проценти).

Според изборните податоци, од вкупно 16.256 запишани избирачи во Општина Брвеница, на гласање излегле 7.565 граѓани, што претставува излезност од 46,56 проценти. Регистрирани се 160 неважечки гласачки ливчиња.

Ниту еден од шестемина кандидати не освоил повеќе од половината од гласовите на избирачите што гласале, а Радически и Јахиј се двајцата кандидати со најголема поддршка во првиот круг.

Предвремените избори за градоначалник на Брвеница се одржаа по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст.