Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ со најмногу гласови во Брвеница, СДСМ е декласиран во првиот круг
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва му честиташе на кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, за освоените гласови во првиот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница. Тој оцени дека изборниот резултат претставува убедлива победа за ВМРО-ДПМНЕ и пораз за СДСМ.

На прес-конференција, Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ освоила најмногу гласови во првиот круг, оценувајќи дека граѓаните испратиле јасна политичка порака.
„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва и има огромна победа во првиот круг на изборите за градоначалник во Општина Брвеница. Иако пред само неколку дена раководството на СДСМ најавуваше убедлива победа, сепак, СДСМ е декласиран од граѓаните. Ова е важна порака од граѓаните до раководството на СДСМ“, изјави Мицкоски.
Според него, резултатите од гласањето покажуваат дека граѓаните ги препознаваат и поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Тој порача дека Владата ќе продолжи со инвестиции во развојот на општините, со јасно утврдени приоритети и поголема одговорност.
Мицкоски се осврна и на можноста за одржување втор изборен круг. Како што рече, со оглед на бројот на кандидати, многу е веројатно дека изборната трка ќе продолжи, при што смета дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ влегува како фаворит.
Според податоците на Државната изборна комисија, по обработени 100 проценти од избирачките места, Радически освоил 2.943 гласови (38,90 проценти), додека второпласираниот Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ) добил 2.152 гласови (28,45 проценти).
Трет е Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН со 1.528 гласови (20,20 проценти), додека кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, освоил 706 гласови (9,33 проценти).
