МАПАС: Членовите со бенефициран стаж до 20 јануари ќе треба да одлучат дали ќе останат во вториот пензиски столб
МАПАС ги известува членовите на задолжителните пензиски фондови кои имаат стаж со кој старосната граница за пензионирање им се намалува за најмалку една година дека можат да изберат дали ќе го продолжат членството. Доколку до 20 јануари 2027 година не достават писмена изјава, членството ќе им престане, а средствата ќе бидат префрлени во Фондот на ПИОСМ.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС ги информира членовите на задолжителните пензиски фондови со бенефициран стаж дека од 20 октомври 2026 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд.
Изборот треба да го направат најдоцна до 20 јануари 2027 година, со доставување писмена изјава за продолжување на членството.
Доколку до наведениот рок не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане, а пензиското друштво ќе ги пренесе средствата од нивните индивидуални сметки во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија – Фондот на ПИОСМ.
Членовите кои нема да го продолжат членството ќе останат осигуреници само во пензиското осигурување засновано на генерациска солидарност, односно во Фондот на ПИОСМ, од каде што ќе го остваруваат правото на пензија.
Од МАПАС појаснуваат дека лицата кои во претходните години веќе доставиле изјава за продолжување на членството имаат продолжено членство и нема потреба повторно да ја доставуваат истата изјава.
