Одлука за платите

20.10.2026 21:10

Уставниот суд итно да донесе одлука за платите, бараат обвинителите. Советот и Здружението инсистираат да се разгледаат иницијативите за оценување на законските измени со кои беа намалени коефициентите.

Јавните обвинители бараат од Уставниот суд итно да одлучи по поднесените иницијативи што се однесуваат на законските измени со кои беа намалени нивните плати. Обвинителите се сериозно загрижени поради фактот што Уставниот суд повеќе од осум месеци не постапува по овие иницијативи. Според нив, ваквото одложување може да доведе до загрозување на уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство и на принципот на поделба на власта.

Оттаму наведуваат дека во јавнообвинителската фела нема никакво двоумење во поглед на оправданоста на поднесените иницијативи, особено ако се има предвид дека и самиот Уставен суд во декември 2025 година, со свое решение, одлучил да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на овие законски решенија.

„Неспорно е дека уредувањето на платите е законска материја и дека законодавецот има право да ја уредува висината на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители. Сепак, Судот изрази сомнеж дека законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на Јавното обвинителство. Притоа, се доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка, предвидено во член 32 став 3 од Уставот, кое произлегува од нивниот статус и создава обврска за државата, преку законското уредување, да обезбеди правен основ за негово остварување“, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Од Здружението на јавните обвинители потенцираат дека платите на јавните обвинители во земјава и натаму се меѓу најниските во регионот.

Игор Панов