Сцена

Том Круз ќе добие награда за животно дело од Американскиот филмски институт

22.10.2026 10:21

Холивудскиот актер и продуцент Том Круз ќе биде почестен со награда за животно дело од Американскиот филмски институт. Наградата ќе му биде врачена на гала-вечера на 24 април следната година во театарот Долби во Лос Анџелес.

Американскиот филмски институт (АФИ) ќе му ја додели наградата за животно дело на Том Круз, во знак на признание за неговиот придонес во филмската индустрија како актер и продуцент.

Како што пренесува „Ројтерс“, наградата ќе му биде врачена на гала-вечера на 24 април следната година, во театарот Долби во Лос Анџелес.

Од АФИ го опишаа Круз како глобална икона, истакнувајќи ја неговата посветеност на филмот и вербата во моќта на кинематографијата да ги поврзува луѓето.

Круз има повеќе од четири децении кариера во филмската индустрија, со улоги во бројни остварувања, меѓу кои „Ризичен бизнис“, „Неколку добри луѓе“, „Џери Магваер“, „Малцински извештај“ и франшизата „Невозможна мисија“.

Тој има три актерски номинации за Оскар – за главна улога во филмовите „Роден на четврти јули“ и „Џери Магваер“, како и за споредна улога во „Магнолија“. Како продуцент беше номиниран за Оскар за најдобар филм за „Топ Ган: Маверик“.

Минатата година, Круз доби и почесен Оскар на церемонијата „Гувернерс“, организирана од Академијата за филмски уметности и науки.

Наградата за животно дело на АФИ е востановена во 1973 година и се доделува на личности чија работа оставила траен белег во филмската уметност. Меѓу претходните добитници се Џон Форд, Бет Дејвис, Сидни Поатје, Стивен Спилберг, Дензел Вашингтон, Никол Кидман и Еди Марфи.

Приходите од гала-вечерта ќе бидат наменети за образовните и уметничките иницијативи на Американскиот филмски институт.