Случај „Михаилова“

На Ива Михаилова ќе ѝ се суди во отсуство

22.10.2026 18:01

На Ива Михаилова, девојката од Кочани обвинета за сообраќајна несреќа со жртва, која пребега во Бугарија ќе и се суди во отсуство. Таква одлука донесе судот на барање на Обвинителство. Во меѓувреме, таа веќе ја напуштила болницата „Пирогов“ во Софија, каде што беше на прегледи.

Судењето на Ива Михаилова ќе продолжи без нејзино присуство, бидејќи обвинетата, која доби притвор и се бара со меѓународна потерница, не им е достапна на државните органи. Следното рочиште е закажано за 9-ти ноември. Михаилова е обвинета за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Во несреќата загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени. Поради судскиот процес, на Михајлова претходно ѝ беа изречени мерки на претпазливост, и беа одземени пасошите и ѝ беше забрането да ја напушта Македонија.

„По предлог на Основното јавно обвинителство-Кочани донесено е решение на И.М. ,обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да ѝ се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи. Следното судско рочиште е закажано за 09.11.2026, во 9 часот“, – стои во соопштението од ОЈО.

Бугарските медиуми објавија дека Ива Михаилова повеќе не е во болницата „Пирогов“ во Софија каде и се вршеше дијагностика за здравствената состојба. Од болницата најавија и одлука за продолжувањето на нејзиното лекување. Михајлова била примена во „Пирогов“ минатиот понеделник, веднаш по нејзиното пристигнување во Бугарија. Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатира прекршоци на Клиниката за неврологија во лекувањето на Михаилова. Беше побаран стручен надзор и за медицинскиот дел. По нејзиното бегство во Бугарија, заедно со нејзиниот адвокат Николај Димитров за бугарските медиуми изјавија дека границата ја поминале легално преку официјален граничен премин, како и дека македонските полициски службеници знаеле за кого станува збор, но им дозволиле премин. Од македонското МВР пак, велат дека Михаилова не ја напуштила државава на легален начин. Бугарскиот министер за внатрешни беше дециден-ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме Ива.

Премиерот Мицкоски пак, уверува дека кога-тогаш Михаилова и нејзиниот татко, кој е осуден на 12 години затвор и е во бегство, ќе се соочат со правдата во земјава.

Милчо Велески