Воена Академија

30. класа питомци на Воената академија даде свечена заклетва

22.10.2026 17:33

Секогаш и секаде во служба на татковината. На Воената академија генерал Михаило Апостолски, 30-та класа питомци положи свечена заклетва...

Од цивилна облека во униформа, од секојдневие во строг војнички режим. Да го изодат патот до офицерски чинови и да и служат на татковината.

Новиот режим, строгата дисциплина и одвојувањето од семејствата се дел од предизвиците со кои се соочуваат на почетокот. Оваа година 28 питомци се од Македонија и шест од Босна и Херцеговина.

„На почетокот беше тешко, но подоцна се навикнуваш, и како припадник на армијата не треба да ти биде ништо тешко“, изјави питомец.

Униформата е чест заклетва и обврска, а службата кон татковината е одговорност што се докажува со дела. Порака до питомците од оние кои се залагаат за посилна, поопремена и поефикасна армија.

Оваа година како дел од 30-тата генерација има 10 жени. За младите питомци предизвиците се големи, но амбицијата е уште поголема.

Тука започнува патот од питомец до офицер исполнет со дисциплина, обуки и предизвици. Новата генерација ја облекоа униформата со единствена цел – да и служат на татковината.

Ана Јосифоска