Охрид и во втората половина на октомври привлекува туристи, турските гости меѓу најбројните
Продолжениот празничен викенд го раздвижи Охрид. И во втората половина на октомври, низ градот сè уште има голем број организирани туристички групи, меѓу кои најбројни се гостите од Турција …

Охрид и во втората половина на октомври останува привлечен за туристите. И овој продолжен празничен викенд, организираните групи и бројни посетители се дел од градската слика. Меѓу странските гости се туристите од Турција, кои традиционално доаѓаат, а последните организирани тури се очекуваат до крајот на месецот.
„Многу убав град, многу убава земја“, изјави турист од Турција.
„Секоја недела доаѓам во Охрид со турски групи, во текот на целата сезона. Сите го сакаат Охрид и секогаш се задоволни“, изјави туристички водич од Турција.
„Мислам дека ова ми е третпат како доаѓам во Охрид. Многу е убаво. Остануваме до недела“, изјави туристка од Србија.
„Досега е добро. Со оглед на тоа што престана дождот и излезе сонце, мислам дека ќе ни биде уште поубаво“, додаде друга туристка од Србија.
Првичните оценки на туристичките работници се позитивни.
Генералната оценка на туристичките работници е дека годинава во главниот туристички центар измина уште една солидна туристичка сезона, која годинава трае подолго од вообичаеното.
„Сведоци сме дека оваа година пикот, односно високата туристичка сезона, се помести. Сè уште гледаме дека организирани групи го посетуваат Охрид и тоа е добро. Сезоната не заврши како во минатите години, кон крајот на септември. Сè уште има посета од гости, градот е раздвижен и тоа е добар знак“, изјави Асим челик, туристички работник.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика во периодот од јануари до август годинава, бројот на туристи во земјава е зголемен за три проценти. Турција и во август е водечка земја според бројот на странски туристи што ја посетиле државата.
Соња Рилковска
