Битола

Го мери времето, но истовремено ја чува и историјата на градот

24.10.2026 12:25

Со векови го мери времето, а во себе чува приказни и спомени за стара Битола. Саат-кулата е еден од најпрепознатливите симболи на градот. За нејзиното создавање постојат повеќе податоци, испреплетени факти и преданија, но нејзината приказна не е само минато. Механизмот на часовникот од 1936 година и денес работи со помош на човекот кој се грижи за неговото одржување.

Таа го мери времето, но и самата е сведок на времето повеќе од двесте години. Саат-кулата стои во срцето на Битола како нем сведок на промените низ кои поминувал градот.

Нема точни пишани податоци за нејзината изградба, но се верува дека е изградена во исто време со црквата „Свети Димитрија“, во 1830 година, кај некогашниот Пекмез-пазар. Една од поинтересните легенди вели дека османлиските власти ја изградиле 32-метарската Саат-кула со малтер во кој биле употребени околу 60 илјади јајца и камења.

Таа е еден од најпрепознатливите симболи на градот и многумина ја имаат видено, но ретко кој забележал дека бројот четири се разликува од останатите римски броеви.

Првиот бројчаник и часовнички механизам биле поставени во 1927 година. Во 1936 година, првобитниот механизам бил заменет со нов, попрецизен, германски механизам, кој и денес е во функција. Истата година биле поставени и 15 ѕвона, со вкупна тежина од околу 900 килограми.

Денес, Саат-кулата го означува точното време на секој час, а на секои три часа, почнувајќи од 6 часот, се слуша и мелодијата на познатата песна „Битола, мој роден крај“ од Ајри Демировски.

Кулата ја имаат видено илјадници посетители, но ретко кој влегол во неа, бидејќи внатрешноста е затворена за јавноста.

Сепак, Саат-кулата не е само приказна од минатото. Таа и денес го мери времето на битолчани. До механизмот водат 97 тесни скали, а уште десетина скали водат до самиот врв. Од 2008 година до денес, задолжителна обврска на човекот задолжен за одржување на механизмот е да се качува до него еднаш на две недели. Тоа е работа што бара прецизност, знаење и, пред сè, љубов кон еден од највредните симболи на градот.

Додека стрелките и звуците продолжуваат да го означуваат точното време, надворешниот изглед на кулата се збогатува со светла и рефлектори во различни бои, во согласност со позначајни датуми, настани и државни празници.

Александра Максимовска