Сцена

Ноа Вајл - најсекси маж на светот за 2026 година

28.10.2026 09:28

Американскиот актер Ноа Вајл, познат по улогите во сериите „Ургентен центар“ и „Интензивна нега: Питсбург“, е прогласен за најсекси маж на светот за 2026 година од магазинот „Пипл“. Педесет и петгодишниот актер изјавил дека признанието го изненадило и дека првично помислил оти станува збор за шега.

Американскиот актер, режисер и продуцент Ноа Вајл е избран за најсекси маж на светот за 2026 година, објави магазинот „Пипл“.

Вајл, кој има 55 години, изјавил дека не можел да поверува кога ја добил веста и дека воопшто не очекувал вакво признание.

„Мислев дека станува збор за некаква шега. Ниту во милион години не би помислил дека ваква чест ќе ми биде укажана мене“, изјавил актерот, додавајќи со доза на хумор дека признанието веројатно ќе биде повод за многу шеги од неговите пријатели и семејството.

Вајл стана познат по улогата на докторот Џон Картер во популарната медицинска серија „Ургентен центар“, во која глумеше заедно со Џорџ Клуни. По подолг период, повторно привлече големо внимание со главната улога во серијата „Интензивна нега: Питсбург“ (The Pitt).

Во март годинава, Вајл стана првиот актер кој ги освоил сите главни телевизиски награди во една сезона, што дополнително го зацврсти неговото враќање меѓу најпопуларните телевизиски актери.