Култура

Кинотеката со богата ноемвриска програма

28.10.2026 20:16

Јубилејни проекции на македонски филмски класици, современи домашни и регионални продукции, како и недели на јапонски и грчки филм, ја одбележуваат ноемвриската програма на Кинотеката на Македонија. Меѓу главните настани е проекцијата на документарниот филм „Австралија, Австралија“ на Столе Попов, по повод 50 години од неговата премиера.

Кинотеката на Македонија во ноември нуди разновидна филмска програма што ги обединува македонското филмско наследство, современите домашни и регионални остварувања и филмовите од азиските и европските кинематографии.

Централно место во програмата зазема документарниот филм „Австралија, Австралија“ на Столе Попов, кој одбележува 50 години од премиерата. Јубилејната проекција е закажана за 28 ноември.

Ноемвриската програма започнува на 3 ноември со Етнолошкиот филмски фестивал, а од 4 до 10 ноември ќе се одржува Неделата на јапонски филм.

На репертоарот се и две значајни остварувања од македонската кинематографија. Филмот „Тајната книга“ (2006) на Владо Цветановски ќе биде прикажан по повод 20 години од премиерата, додека „Жед“ (1971) на Димитрие Османли ќе биде прикажан на 18 ноември, по повод 55 години од премиерата.

Современата продукција отвора теми поврзани со моќта на корпорациите, историските трауми, родовите нееднаквости и политичките поделби. Во оваа категорија се филмовите „Којотот против системот“ (Coyote vs. Acme, 2026), во режија на Дејв Грин, „Сирак“ (Árva, 2025) на унгарскиот режисер Ласло Немеш и „Скејтбординг не е за девојчиња“ (2026), во режија на Дина Дума.

На 11 ноември ќе биде прикажан „Југо оди во Америка“ (Yugo ide u Ameriku, 2026), во режија на Филип Грујиќ и Алекса Броковиќ, кој се занимава со југословенското наследство и современите потраги по идентитет.

Програмата продолжува на 21 ноември со ретроспективна проекција на дела од творештвото на Дарко Марковиќ, а на 25, 26 и 27 ноември ќе се одржува Неделата на грчки филм.

Со ноемвриската програма, Кинотеката нуди можност за повторно откривање на значајни дела од македонската филмска историја, но и за запознавање со современите филмски автори и различните културни и општествени перспективи.