Почина Бранко Радовановиќ, новинар и долгогодишен уредник во МТВ
Со неговото заминување, новинарската заедница се збогува со човек кој ќе остане запаметен по својот специфичен стил, духовитоста, но и љубовта кон професијата.

Почина Бранко Радовановиќ, новинар, воен репортер и долгогодишен уредник во Македонската телевизија. Роден е на 16 јуни 1947 година во Битола, а дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград.
Со новинарството почнал да се занимава уште како средношколец, а во Надворешнополитичката редакција на МТВ работел од 1979 година, а од 1985 година работел како коментатор и во повеќе наврати бил нејзин уредник. Известувал од поранешниот Советски Сојуз, од Заливската војна и од војната во Босна.
Од 1999 година работи во Документарната програма на МТВ. Во 2002 година станува уредник во Образовната програма на МТВ. Автор е на текстот и сценариото за документарната програма „Вчера беше денес“. Во 1994 година го добил признанието „Крсте Мисирков“.
Со неговото заминување, новинарската заедница се збогува со човек кој ќе остане запаметен по својот специфичен стил, духовитоста, но и љубовта кон професијата.
Погребот ќе се одржи утре на Градските гробишта во Ресен.
