Финансии

Народна банка: Случувањата во Србија не влијаат автоматски врз Алта банка Битола

31.10.2026 16:03

Банкарскиот систем во земјава е отпорен и стабилен – уверува НБРМ. Случувањата во Србија не влијаат автоматски врз Алта банка Битола. Домашната банка е самостојно правно лице, велат од централната банка. Посочуваат дека сите банки во земјава се под непосреден супервизорски надзор.

Одземањето на дозволата за работа на Алта банка од страна на Народната банка на Србија, не значи автоматско одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола, соопштија од македонската Народна банка. Додаваат дека внимателно ги следат сите околности и ризици што би можеле да влијаат врз работењето на банката во Македонија, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност.

„Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби“, се вели во соопштението.

Од Народна банка велат дека постапуваат и соработуваат со надлежните домашни и странски институции, почитувајќи ги законските правила за доверливост на супервизорските информации. Додаваат дека во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, согласност се издава според законски утврдените критериуми и официјално достапните податоци.

„Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите“, стои во соопштението на Народната банка на Македонија.

Марија Котовска