Во Битола редици пред Алта банка, менаџментот уверува банката е ликвидна
Алта банка АД Битола е ликвидна, клиентите имаат непречен пристап до своите средства – уверува менаџментот на банката. Граѓаните можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции. Во Битола денеска редица пред експозитурата на Алта банка.

Алта банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати работат во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства – информираат од банката. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење – уверува менаџментот.
„Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народна банка. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити. Ги уверуваме нашите клиенти дека банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничување во банкарските услуги“, стои во соопштението.
По настаните поврзани со банката во Србија, редици граѓани пред експозитурата во Битола, а се забележува и зголемена фреквенција пред банкоматите на Алта банка.
Во контекст на случувањата во Србија, од Алта банка АД Битола информираат дека банката е самостојно правно лице, регистрирано во Република Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива.
Александра Максимовска
