Избори во Брвеница

01.11.2026 10:10

Жителите на десет населени места во Општина Брвеница денеска избираат градоначалник. Право на глас имаат 16.256 граѓани.

Во десет населени места во Општина Брвеница денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалник. Гласањето почна во 7 часот, а избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот.

Во Избирачкиот список се запишани 16.256 избирачи, од кои 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се наоѓаат во затвор или во притвор.

Во првиот круг, одржан на 18 октомври, учествуваа шест кандидати, но ниту еден не го освои потребното мнозинство. Тогаш на гласање излегоа 7.565 граѓани, односно 46,56 проценти од запишаните избирачи. Најмногу гласови освоија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

За победник во вториот круг ќе биде прогласен кандидатот кој ќе добие поголем број гласови. Доколку и по вториот круг не биде избран градоначалник, од кои било причини, Општинската изборна комисија во рок од 15 дена ја известува Владата.

Државната изборна комисија првичните резултати добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно, додека резултатите врз основа на податоците од записниците на Општинската изборна комисија треба да бидат објавени во рок од 12 часа по завршувањето на гласањето. Конечните резултати ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од нивната конечност.

Изборите во Брвеница се одржуваат по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст. Функцијата вршител на должноста градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.