Политички реакции

СДСМ бара истрага за Алта банка, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за ширење хистерија

01.11.2026 18:46

СДСМ бара реакција од Народната банка и Обвинителството за случувањата поврзани со Алта банка и утврдување одговорност. Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата и велат дека состојбите со банките во Србија немаат никаква врска со банкарскиот систем во Македонија.

Итна реакција од институциите и одговорност за сите инволвирани во процесите поврзани со Алта банка побараа од СДСМ. Според опозициската партија, Народната банка мора да ги преземе сите законски мерки, а Обвинителството да отвори постапка и да утврди кој овозможил вакви случувања и кој треба да понесе одговорност.

Од „Бихаќка“ тврдат дека додека во Србија Алта банка ја изгуби дозволата за работа и веќе е во стечај, кај нас Народната банка не презема ништо, а гувернерот Трајко Славески, како што велат, ваквите енормни трансфери на пари ги оценил како нормални.

СДСМ и Венко Филипче повторно шират хистерија и посакуваат сценарија на нестабилност во Македонија, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата наведуваат дека состојбите со банкарскиот систем и банките во соседството немаат никаква врска со банкарскиот систем во Македонија.

„Тие сè што прават и зборуваат единствено е насочено против државата, мислат дека на тој начин ќе добијат ситни и бедни политички поени. Најголеми мајстори за загрозување на банкарскиот систем е антимакедонската СДС. Во нивно време пропаднаа Еуростандард банка и ТАТ, кои го загрозија банкарскиот систем, создадоа недоверба кај граѓаните и ги оштетија штедачите“, се вели во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Игор Панов