МВР

Пронајдени марихуана и кокаин на повеќе локации, приведени пет лица

01.11.2026 17:43

Во полициските акции биле лишени од слобода или приведени пет лица, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Марихуана, кокаин и прашкасти материи биле пронајдени и одземени на повеќе локации во државата во текот на 31 октомври и 1 ноември. Во полициските акции биле лишени од слобода или приведени пет лица, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, биле лишени од слобода двајца германски државјани, на возраст од 43 и 37 години, кај кои била пронајдена марихуана. Кај едниот била пронајдена при преглед на личниот багаж, а кај другиот при претрес на кампер-возило „опел“ со германски регистарски ознаки.

Во Скопје, на подрачјето на Центар, бил лишен од слобода 35-годишен маж од Штип, кај кого била пронајдена марихуана.

Во затворот „Идризово“, при претрес на четири осудени лица, биле пронајдени и одземени 54 пакетчиња со кафеава прашкаста материја.

На локалниот пат Боговиње – Селце Кеч, при преглед на паркирано возило „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки, кај 37-годишен жител на Боговиње бил пронајден кокаин. Тој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Во Охрид, на улицата „Партизанска“, бил приведен и 18-годишник од струшко село, кај кого биле пронајдени предмети со остатоци од марихуана.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.