Сцена

Недела на јапонски филм во Скопје и Битола – шест филмски остварувања со бесплатен влез

02.11.2026 08:57

Шест јапонски филмови, од семејни драми и трилер до анимација и историска приказна, ќе бидат прикажани на Неделата на јапонски филм, која од 4 до 10 ноември ќе се одржува во Кинотеката во Скопје. На 11 ноември програмата продолжува во Центарот за култура во Битола. Влезот за сите проекции е бесплатен.

Разновидноста на јапонската кинематографија ќе биде претставена преку шест филмски остварувања на Неделата на јапонски филм, која од 4 до 10 ноември ќе се одржува во Кинотеката во Скопје.

Програмата ќе биде отворена на 4 ноември со филмот „Чекор“ во режија на Кен Иизука, семејна драма за татко кој по смртта на сопругата сам ја одгледува својата ќерка.

На 5 ноември следува трилерот „Маскирано одделение“ на Хисаши Кимура, за лекар кој се соочува со опасен натрапник во болница. На 6 ноември ќе биде прикажан „Речиси чудо“ на Јуја Ишии, приказна за добрината, искреноста и првите љубовни чувства на еден средношколец.

На 7 ноември публиката ќе може да го проследи анимираниот филм „Деца на морето“ на Ајуму Ватанабе, кој ја истражува поврзаноста на човекот со морето и природата.

Програмата продолжува на 9 ноември со „Банана? Во ова време од ноќта?“ на Тецу Маеда, филм инспириран од вистинска приказна за човек со мускулна дистрофија и неговата борба за самостоен живот.

Завршната проекција во Скопје е на 10 ноември, со историската драма „Иване: Меч на спокојот“ на Кацухиде Мотоки, за самурај кој се обидува да започне нов живот во периодот Едо, но се соочува со опасен заговор.

Сите проекции во Кинотеката ќе започнуваат во 20 часот. На 11 ноември, програмата ќе продолжи во Центарот за култура во Битола, каде што ќе бидат прикажани „Деца на морето“ и „Чекор“.

Влезот за сите проекции во Скопје и Битола е бесплатен.