КИЦ

Соња Стојменска-Елзесер ќе ја промовира „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски

02.11.2026 20:04

Во Салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде промовирана книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, во издание на „Матица македонска“. Организатор на настанот е КИЦ – Скопје.

Утре, 3 ноември 2026 година, вторник, во 19 часот, во Салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар – Скопје ќе биде промовирана книгата „Без повод за поводи“ од Иван Антоновски, во издание на „Матица македонска“. Организатор на настанот е КИЦ – Скопје.

Промоторка е проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, директорка на Институтот за македонска литература, која ќе се осврне на научниот и книжевно-критичкиот придонес на книгата. Покрај нејзиниот критички осврт, програмата ќе опфати и книжевен разговор со авторот за истражувањата и толкувањата обединети во делото.

„Без повод за поводи“ содржи 23 студии во пет целини. Необјавените драми на Васил Иљоски, раната поезија на Блаже Конески и книжевната критика на Рацин се меѓу темите преку кои Антоновски ги преиспитува познатите авторски опуси. Обемната студија за поезијата на авторите родени во самостојна Македонија го проширува погледот и кон новите книжевни генерации.

Книгата поттикнува читање и истражување што не завршуваат со годишнините и јубилеите, туку создаваат нови причини за враќање кон книжевните дела.

Изданието е дел од јубилејната продукција за 35 години „Матица македонска“. Издавачот ги поканува читателите да присуствуваат на промоцијата и на средбата со авторот и промоторката.