ИНОВА обезбеди 60,2 милиони денари за поддршка на претприемништвото
ИНОВА објави јавен повик за избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото. За програмите „Поддршка за самовработување“ и „Ваучерски систем на советување“ се издвоени 60,2 милиони денари, а заинтересираните организации можат да се пријават до 13 ноември.

Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА објави јавен повик за пријавување и избор на организации за деловна поддршка на претприемништвото, кои ќе бидат вклучени во спроведувањето на програмските активности за 2026 година.
За реализација на програмите „Поддршка за самовработување“ и „Ваучерски систем на советување“ се обезбедени вкупно 60,2 милиони денари. Од нив, 57 милиони и 775 илјади денари се наменети за поддршка на самовработувањето, а 2,5 милиони денари за ваучерскиот систем на советување.
Поддршката е наменета за невработени лица и потенцијални претприемачи кои сакаат да започнат сопствен бизнис, како и за микро, малите и средните претпријатија на кои им се потребни стручни совети за надминување на деловните предизвици и понатамошен развој.
Преку ваучерскиот систем, корисниците ќе имаат пристап до специјализирани консултантски услуги, додека програмата за самовработување ќе им помогне на идните претприемачи во подготовката на бизнис-планови и започнувањето сопствена деловна активност.
Право на учество на јавниот повик имаат правни лица, фондации за поддршка на претпријатија и здруженија за микро, мали и средни претпријатија кои располагаат со соодветен стручен кадар, релевантно искуство и потребни технички и просторни капацитети.
Избраните организации ќе склучат тригодишни договори со ИНОВА и ќе добијат статус на овластени организации за деловна поддршка.
Рокот за пријавување е до 13 ноември 2026 година, а аплицирањето се врши електронски преку Националниот портал за електронски услуги. Целосниот текст на повикот и потребната документација се објавени на веб-страницата на ИНОВА.
