Македонија

Миноски предлага продажба на АЛТА банка и обесштетување на граѓаните

03.11.2026 17:44

Неопходно е институциите да понудат конкретен план за консолидација, со јасно утврдени активности и рокови, вели поранешниот министер за финансии Кирил Миноски. Според него, ако не се најде инвеститор во краток временски период, незадоволството кај клиентите дополнително ќе расте, а тоа може да ја наруши довербата и во останатите финансиски институции.

Најдоброто решение во моментов е АЛТА банка да се продаде, но и да се обесштетат граѓаните, препорачува поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски. Со таквиот чекор, вели, ќе се надмине актуелната состојба и ќе се врати довербата кај граѓаните и компаниите. Оценува дека институциите мора да дејствуваат брзо за да спречат дополнителни последици врз банкарскиот сектор. Како можни решенија ги посочи преземањето на една од поголемите банки што веќе работат во Македонија или влез на европска банка.

„Најдобро решение во овој случај е да се изврши продажба на банката, на некоја постојна поголема банка која функционира во нашиот банкарски сектор или на некоја реномирана банка од регионот или Европа, која би ја презела АЛТА банка и сите права и обврски што произлегуваат од нејзиното работење“, истакна Миноски.

Миноски порача дека е неопходно институциите да понудат конкретен план за консолидација на банката, со јасно утврдени активности и рокови. Според него, ако не се најде инвеститор во краток временски период, незадоволството кај клиентите дополнително ќе расте, а тоа може да ја наруши довербата и во другите финансиски институции.

Ограничувањата за располагање со средствата на клиентите се привремена мерка со која се настојува да се спречи панично повлекување на депозитите. Сепак, предупреди дека ваквата состојба не може да трае неограничено, бидејќи директно влијае врз сите.

Со продажбата на банката, според економистите, би се заштитил капиталот и побрзо би се воспоставило функционирање на банката.

 

 

Борис Грујоски