Сајбер напади врз супермаркети
Европските власти ги повикуваат компаниите да ја зајакнат сајбер-заштитата, додека истрагите треба да откријат кој стои зад нападите.

Хакерите веќе не напаѓаат само банки и болници. Сега целат директно во фрижидерите. Во Италија, нападите врз супермаркети предизвикаа итен состанок на државните служби. Напади беа пријавени во шест продавници на Сицилија, во Тоскана и Емилија-Ромања. Групацијата „Кооп Раденца“ потврди дека најмалку четири нејзини супермаркети биле цел на хакери. Но, Италија е само последната земја. Истата нишка се прелива низ Европа. Хакерите ја нападнаа и белгиската малопродажба. Погодени се над 60 продавници.
„Како што знаете, во Белгија, кога температурата во фрижидерите ќе се промени, мораме да ги уништиме производите“, изјави Режин ван Томе, портпарол на „Карфур“.
„Ова е најлошото нешто што може да ни се случи во нашата работа, бидејќи не само што ја губиме целата стока, туку не можеме ниту да ги услужиме купувачите. Па, нема да ве лажам – ми доаѓа да плачам. Во моментов сè уште ја немаме конечната сума, но штетата расте. Се работи за десетици илјади евра – тоа е сигурно“, изјави Диего Луверс, управител на продавница во Белгија.
Но, освен финансиските загуби на маркетите, засегнати се и купувачите. Полиците празни, а ситуацијата неизвесна.
„Прашав колку долго ќе трае ова, но не знаат“, изјави жена од Белгија.
„Една од причините зошто дојдов тука но изгледа дека и продавницата од другата страна на улицата била нападната“, изјави маж од Белгија.
Слични инциденти беа регистрирани и во Луксембург, Холандија, Франција, Финска, Ирска, Шведска, Естонија. Во сите случаи хакери од далечина ги менувале температурите на системите за ладење, кои достигнувале и до 50 Целзиусови степени.
„Не ни е јасно каква корист имаат од ова. Ова е еден вид тероризам. Мораме сè да фрлиме. Штетата може да изнесува неколку стотици илјади круни“, изјави Рикард Нилсон, управител на продавница во Шведска.
„Во споредба со другите продавници, имавме среќа бидејќи сè уште ги имаме сите наши свежи производи. Други продавници ги изгубија и свежите и замрзнатите производи. Жално е“, изјави Антони Боне, директор на маркет од Франција.
Европските власти сега ги повикуваат компаниите да ја зајакнат сајбер-заштитата, додека истрагите треба да откријат кој стои зад нападите. Меѓу препорачаните мерки се користење ВПН и повеќефакторска автентикација за далечински пристап, засилен надзор на привилегираните кориснички сметки и ажурирање на уредите.
Бојана Крстевски
