Политика

Случајот со Алта банка предизвика нови обвинувања меѓу партиите

03.11.2026 18:02

Власта и опозицијата со спротивставени ставови за состојбата со Алта банка. ВМРО-ДПМНЕ зборува за бизнис интереси и намерно создавање хаос, СДСМ за недостапност на парите на граѓаните и нефункционалност на експозитурите. Реакции и меѓу ДУИ и ВРЕДИ.

Преку притисок кон НБРМ и Алта банка, СДСМ создава терен бизнисмен близок до партијата и Филипче да ја купи банката за ниска цена. Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев, велат во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Потенцираат дека СДСМ намерно создаваат хаос.

Контра на ова, социјалдемократите велат-експозитурите не работат, на банкомати се чека со часови, додека пак компаниите слободно префрлаат пари, а граѓаните не можат да дојдат до своите пари. Инсистираат Обвинителството да отвори истрага.

Препукувања и во албанскиот политички фактор. Во ДУИ бараат итно и темелно испитување на случајот поради ограничувањата кои ги наметна Народната банка бидејќи јавни институции и претпријатија се соочуваат со неизвесност околу своето финансиско работење.

Во ВРЕДИ, пак, со директно обвинување кон ДУИ и Али Ахмети. ДУИ ја отворил вратата за проектите на Вучиќ, а фирма на сват на Ахмети купила акции во Стопанска банка АД Битола, за подоцна преку друга фирма од Алта банка да подигне 5 милиони евра.

И додека партиите се препукуваат, во Собранието се очекува одржување на јавна расправа за проблемот со Алта банка.

Миле А. Ристески