Нов случај на морбили
Морбилите почнаа да се шират во земјава. Дете на возраст од година и пол, кое не било вакцинирано, е новиот потврден случај на мали сипаници.

Едно и полгодишно дете од Скопје е заразено од морбили. Не било вакцинирано, а се инфицирало во земјава. Ова е нов, петти случај. Првичните информации укажуваат дека вчерашните случаи и бебето од Косово се епидемиолошки поврзани. Имале контакт во болница.
Околу 15 илјади бебиња помали од една година, кои не подлежат на вакцинација со МРП, се под ризик да заболат од морбили. Здравствените власти со апел родителите навреме да ги имунизираат децата.
„Веќе има инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што можело да настане примарен и секундарен контакт. Нивото на алармирање е значително. Апелирам на свест и самосвест кај сите, ако не ја прележале болеста, две дози на вакцина ќе ги заштитат бебињата кои не можат да бидат вакцинирани“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Морбилите се високозаразно заболување, затоа при зголемена температура и осип да се контактираат матичните лекари. Да се избегнува чекање во ординациите, така ќе се спречи ширење на заразата.
Епидемија на морбили веќе прогласија соседна Бугарија и Косово. Пред седум години, епидемија имаше и во земјава, која заврши со повеќе од две илјади заразени и четири смртни случаи како резултат на компликации.
Андријана Ѓурческа
