Тежок пораз за Трамп: Демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес
Републиканците на Доналд Трамп ги загубија мнозинствата и во Претставничкиот дом и во Сенатот, покажуваат проекциите на американските телевизиски мрежи. Изборниот резултат претставува сериозен удар за американскиот претседател, кој меѓуизборите ги претвори во референдум за својата политика. Демократите остварија историски победи во неколку сојузни држави, а Хаким Џефрис има можност да стане првиот Афроамериканец на чело на Претставничкиот дом.

Демократите ја презедоа контролата врз двата дома на американскиот Конгрес, откако Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп ги загуби мнозинствата и во Претставничкиот дом и во Сенатот, пренесуваат американските медиуми.
Овој исход претставува голем политички неуспех за Трамп, кој меѓуизборите ги претвори во референдум за сопствената политика. Со контролата врз двата дома на Конгресот, демократите ќе имаат значително поголемо влијание врз законодавниот процес, додека можностите на претседателот да ја спроведува својата политичка агенда ќе бидат ограничени.
Трамп изјави дека е подготвен да ги прифати изборните резултати и да соработува со демократите, иако претходно на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша дека, доколку бил на гласачкото ливче, ќе победел со убедлива разлика.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, призна дека е разочаран од резултатите, но најави дека републиканците ќе се обидат повторно да го освојат мнозинството на изборите во 2028 година.
Победата на демократите отвора можност Хаким Џефрис да стане првиот Афроамериканец на функцијата претседател на Претставничкиот дом.
Демократите забележаа неколку значајни победи во сојузните држави во кои традиционално доминираат републиканците. Во Тексас, нивниот кандидат Џејмс Таларико го победи Кен Пакстон, што претставува прва демократска победа за ова место по речиси четири децении.
Историски резултат постигнаа и во Канзас, каде што Адам Хамилтон го победи актуелниот републикански сенатор Роџер Маршал. Демократите последен пат имале сенатор од оваа држава во 1932 година.
Дополнително, демократите освоија сенаторски места во Северна Каролина, Јужна Каролина, Охајо и Ајова.
Во Јужна Каролина, демократката Ени Ендрус, педијатар по професија, ја победи републиканската кандидатка Дарлин Греам Нордон. Со тоа, Ендрус ќе стане првата демократска сенаторка од оваа сојузна држава по повеќе од 20 години.
