Култура

„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски ја освои главната награда на Филмскиот фестивал во Токио

04.11.2026 13:41

Голем меѓународен успех за македонската кинематографија. Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ја освои главната награда „Токио Гран при“ на престижниот Филмски фестивал во Токио, кој е од А-категорија. Ова е првпат по „Пред дождот“ во 1994 година македонски филм да победи на фестивал од ваков ранг.

Филмот „Сестра, брат и шахта“ на режисерот Милчо Манчевски ја освои главната награда „Токио Гран при“ на Меѓународниот филмски фестивал во Токио. Со ова признание, македонската кинематографија бележи историски успех, бидејќи по „Пред дождот“ на Манчевски, кој во 1994 година победи на Филмскиот фестивал во Венеција, ова е првпат македонски филм да ја освои главната награда на фестивал од А-категорија.

Жирито, предводено од австралискиот режисер Ролф де Хер, ја додели наградата за спојот на хуморот, трагедијата и драмата, како и за човечноста и сочувството кон ликовите.

„За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран“, се наведува во образложението на жирито.

Радоста од освоеното признание ја сподели и режисерот Милчо Манчевски, кој им се заблагодари на актерите, филмската екипа, финансиерите и сите што го поддржале создавањето на филмот.

„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски.

На свеченото затворање, наградата ја подигнаа главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ, заедно со продуцентот Јане Ќортошев, кој истакна дека зад успехот стои долг пат, од неизвесноста дали филмот воопшто ќе биде снимен до освојувањето на највисокото фестивалско признание.

Годинава на Филмскиот фестивал во Токио пристигнале 1.892 филма од 112 земји и региони, а во натпреварувачката програма биле избрани 15 остварувања.

„Сестра, брат и шахта“ е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Станува збор за црна комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството, приказна што преку хумор и драма отвора универзални прашања за животот и човечките односи во современиот свет.

Филмот е снимен со меѓународна екипа на локации во Скопје и околината, во копродукција со партнери од Бугарија, Србија, Италија, Англија и Албанија. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ.