Извештај за напредокот
Нема обиди за усвојување на уставните измени, договорите со соседите да се спроведуваат со добра волја од сите страни, историската комисија без опипливи резултати.

Нема обид за усвојување на уставните промени согласно преговарачката рамка, добрососедските односи со Бугарија се од суштинско значење и е потребен дијалог со Софија, историската комисија има средби, но не и резултати. Во одредени случаи не се користи новото уставно име, што може да ги наруши односите со Грција – ова е дел од Извештајот за напредокот на Македонија.
Во извештајот има и позитивни поместувања, бидејќи земјава ги засилила напорите за исполнување на барањата од Реформската агенда. Правосудството бележи одреден напредок, но не и борбата против корупцијата. Политичката поларизација, пак, го кочи усвојувањето на важни реформски закони. Комисијата забележува слаба конфискација на криминален имот и загубени европски средства, ризици во јавните набавки, недоволна независност на медиумите и сериозни слабости во заштитата на човековите права.
„Северна Македонија неодамна ги забрза реформите со Планот за раст и работи напорно да се подготви за членство во ЕУ. Сега треба да видиме повеќе напредок во борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација. Во врска со усогласувањето со европското законодавство, Северна Македонија е меѓу земјите со најголема подготвеност. За да се откочи следниот чекор на преговорите и отворањето на Кластерот 1, земјата мора да направи уставни промени договорени во 2022 година во врска со националните малцинства“, изјави Марта Кос – еврокомесарка за проширување.
Известителот Вајц ја повика Комисијата да вложи дипломатски напори за надминување на спорот со Бугарија.
„Уставните промени мора да се исполнат. Единствен начин да се излезе од ќор-сокакот е да се зборува меѓусебно. Бугарската влада и Владата на Северна Македонија треба да седнат и да разговараат. Мотивацијата не е на највисоко ниво, па барам од Комисијата да инвестира во дипломатски напори“, нагласи Томас Вајс – известител за Македонија.
Бугарските европратеници побараа Комисијата јасно да дефинира што е билатерално прашање и дека земјите членки на ЕУ не треба да се држат одговорни за неисполнувањето на кандидатите.
„Сакам Комисијата да објасни што е билатерално прашање? Давате контрадикторни изјави. Велите добрососедските односи се клучни, но дискриминацијата на малцинствата не се билатерални прашања“, рече европратеникот Андреј Ковачев.
Европската комисија на почетокот на идната година ќе иницира дијалог за постепена интеграција на кандидатките пред полноправно членство.
Ирина Гелевска
