Две безживотни тела и опожарено возило пронајдени кај Богданци
Две безживотни тела и опожарен автомобил се пронајдени на локалитетот „Ичева чешма“ во Горно Село, Богданци. Едно од починатите лица е идентификувано како 21-годишен жител на Богданци, додека идентитетот на лицето пронајдено во возилото сè уште не е утврден. Телата се дадени на обдукција, а причините за смртта се утврдуваат.

Две лица ги загубиле животите во засега неразјаснет случај во близина на Богданци. Нивните тела биле пронајдени вчера попладне на местото викано „Ичева чешма“ во Горно Село, во близина на опожарено патничко возило.
Случајот бил пријавен во полиција во 18:40 часот од жител на Богданци, кој забележал опожарен автомобил и безживотно тело во негова близина.
Полициските екипи од Гевгелија по пристигнувањето на местото констатирале дека станува збор за машко лице без знаци на живот, идентификувано како В. Г. (21) од Богданци. Смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош.
По локализирањето на пожарот од страна на противпожарната бригада, било забележано дека и во возилото има уште едно опожарено тело.
На местото бил извршен увид, а по насоки на надлежен јавен обвинител, телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитетот на второто лице и причините за смртта.
Истрагата треба да ги утврди околностите под кои настанал случајот.
