Исплата од утре
Граѓаните кои имаат сметки во Алта банка, а немаат платежни картички, како и корисниците на социјална помош, започнувајќи од утре 5-ти ноември ќе можат да ги подигнуваат своите средства...

Граѓаните кои имаат сметки во Алта банка, а немаат платежни картички, како и корисниците на социјална помош, започнувајќи од утре 5-ти ноември ќе можат да ги подигнуваат своите средства, на шалтерите во главната експозитура во Битола-ова е одлуката која денес ја објави Народна банка. Максималниот износ за период од две недели е 20 илјади денари.
„Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти. Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку смс-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини“, стои во соопштението на Народна банка.
По вчерашната најава за отворање на шалтерите, и денес гужви пред затворените врати на главната филијала во Битола. Покрај оние граѓани, чија намера беше да подигнат готовина од шалтер, поголемиот дел од нив, чекаа да земат одјава, за да се префрлат во друга банка.
По Битола се подготвува и отворање на шалтерите и во други градови во земјата, за што народната банка дополнително ќе извести.
По информацијата дека шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, при што нема да се вршат други видови трансакции. Останува прашањето каде граѓаните кои покрај готовина имаат потреба и од други услуги или пак документи.
Истовремено се бараат и решенија за компаниите кои имаа средства во банката, а треба да исплатата плати на вработените и да ги подмират обврските за даноци и приходи-чиј законски рок е 15-ти во месецот.
Александра Максимовска
