Менувале оценки и запишувале семестри за пари – истрага против двајца вработени на УГД
Обвинителството отвори истрага против двајца вработени на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Осомничени се дека незаконски упаѓале во електронскиот систем, и за пари менувале оценки. Одреден им е осумдневен притвор.

Вработена на студентски прашања и ИТ-менаџер од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се осомничени дека во период од пет години незаконски упаѓале во електронските индекси. Менувале бодови, бришеле оценки и им овозможувале на студенти нелегално запишување семестри. На овој начин се проценува дека заработиле повеќе од 20 илјади евра. Одреден им е осумдневен притвор.
„Најдовме и одредени докази во постапката и се надевам дека во останатиот дел од процесните дејствија ќе се докаже теоријата на случајот којашто ја изгради Јавното обвинителство во соработка со МВР“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Засега не е соопштено колку студентски досиеја биле опфатени со незаконските интервенции.
„Секогаш може да се случи незаконито дејствие, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме, важно е да го спречиме и да пратиме порака на другите кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од таквото нешто“, нагласи министерката за образование, Весна Јаневска.
Од Универзитетот „Гоце Делчев“ соопштија дека се во постојана координација со сите државни органи со цел да се заштити институционалниот интегритет и да се овозможи непречено одвивање на наставата за студентите.
Андријана Ѓурческа
